Notebook and Pen

Секој има прикаска. Која е твојата?

Сања Аризанов

Бизнис консултант, Обучувач

+389 72 697 481

Здраво, јас сум Сања. Основач на Асоцијацијата First Five. Ова е мојата прикаска.

Некаде од мојата 15-та година знаев дека сакам да студирам економија. Подоцна разбрав дека всушност, мојата љубов е ревизија. Патот до мојата љубов беше исполнет со трње. Чекор напред, чекор назад, нагоре, надолу, упорно барање на работа, конкурси, интервјуа… Конечно, 2 години по дипломирањето на Економскиот факултет во Белград, сите соништа на една девојка, која реши да ја проба среќата во оваа професија, беа остварени со започнување на кариерата како ревизор во „Deloitte”. Дипломата од факултет беше само влезница за арена. Арена во која влегов во борба за знаење, искуство и експертиза.
Бев убедена и сега сум дека ја имам најдобрата работа на светот. Низ годините во ревизијата го добив и најдов сето она што го барав. Тимската и индивидуалната работа понекогаш знаеа да траат и дење и ноќе, а невозможните рокови и одговорноста кон клиентите и надредените ја правеа динамиката на животот непредвидлива. Етиката и професионалната одговорност беа императив пред сè друго.
Добро работење, дава добри резултати. Кога вложувате малку повеќе, резултатите стануваат натпросечни. Ми стана сосема јасно, дека 40 саати неделно е работно време, а сè над тоа е кариера. Моја кариера. Јас ја создадов. Доколку работите само 40 часа неделно, односно доколку работите само онолку часови колку што е потребно за да го исполните официјалното работно време, тогаш веројатно ќе направите доволно за да преживеете. Ќе направите и заработите доволно за да ги платите сметките и можеби малку повеќе од тоа, но тешко дека ќе напредувате и ќе станете успешни. Не постојат кратенки за успех.

Тој период во мојот живот беше многу динамичен, но навистина верувам дека моето искуство како ревизор, ми помогна да ги развијам моите аналитички вештини, независен став, како и точни и длабоки проценки на бизниси и деловни резултати. Работењето во широк спектар на проекти од различни индустрии во меѓународното опкружување бара флексибилност, ефективно управување со време, како и иновативен пристап кон решавање на проблеми и трансфер на знаење. Научив многу за различни видови индустрии и деловни предизвици преку проекти на кои работев. Работната диверзификација, исто така, ми даде можност да испитам различни видови на работа за да проценам во која од нив најмногу се пронаоѓам и уживам. Различните предизвици постојано овозможуваат вистинска интелектуална стимулација секогаш правејќи ја работата интересна. Добив и ја искористив можноста да работам заедно со некои од најпаметните луѓе во бизнисот, добив корисни совети и осознав сосема нови процеси на размислување. Добив и ја искористив можноста да имам и почитувам одговорност многу поголема од онаа што обично им се дава на луѓето со ограничено работно искуство.

Патував многу заради различни деловни проекти. Запознав многу различни луѓе, научив различен стил на управување и преговори. Работев напорно, многу часови на ден, со недели и месеци. Бев меѓу најдобрите помеѓу моите врсници. Заработував многу пари. Бев среќна и успешна.
Но, покрај што се развивав професионално, мојата професија ме доближи и кон остварување на приватните цели. Работејќи на различни проекти го запознав мојот сегашен сопруг и заедно ја започнавме нашата прикаска. Го создадовме нашиот темел нашето семејство и како мајка открив дека постои единствена и посебна кариера – родител. Со сите убавини кои ги носи, родителството во животот на еден човек внесува големи предизвици, особено на мајките. Кога да се вратам на работа, кој ќе ми го чува детето, дали ќе има место во градинка, дали е добра програмата, дали ќе се разболува често, како ќе се посветам и на работата и на семејните обврски?

Набргу разбрав дека не сум сама и дека овие прашања ги мачат многу други поединци. И дека на сите во еден момент им треба поддршка и охрабрување, да ги совладаат сите предизвици со кои се соочуваат во животот.
Life – work balance, усогласување на животот со работата. Еден од најголемите предизвици на современото општество. Веројатно мислите дека сум згрешила во изразот Life-Work, мислите на Work-Life Balance. Широко признат концепт кој ја опишува идејата да се подели нечие време и енергија помеѓу работата и другите важни аспекти во животот. Не, токму напротив, се работи за Life-Work Balance концептот. Се работи за животот и другите нешта во него. Не обратно.

Така додека нашето второ бебенце нежно спиеше, (помеѓу доење, бањање, гушкање) јас го создавав Life-Work Balance концепт. Така е родена и Асоцијација First Five.

Така почна прикаската во која доживотното учење, социјалниот пристап и бизнисот креираат рамнотежа.

©2020 by First Five Association. 

Аминта Трети 58/1-15, IV кат

1000 Скопје

www.firstfivemk.com

+389 72 697 481

+389 2 3 126 135